23 March 2013

Биографија за Никола Митрев - Езерски


Војводата Никола Митрев, познат и како Елшанчето, како Лајче Војвода, како К'нкана или само Војводата Езерски е македонски борец и војвода од Илинденскиот период, еден од првите соработници на охридскиот војвода Христо Узунов.

Никола Митрев е роден во 1865 година во село Елшани, Охридско. Поради тешките услови за живот, наметнати од големата сиромаштија, никогаш не посетувал училиште, туку рано почнал да работи како надничар, работник и ѕидар. Во 1885 година, во потрага по работа, тргнува со група печалбари во Бугарија (Варна, Шумен, Провадија), Романија (Галац и Браила), и Русија (Бесарабија и подалеку, дури во земјите под Кавказ).

За време на еден краток престој во Варна, (во 1895 година) разбрал дека таму постои македонски револуционерен комитет на кој решил да му се придружи. Пролетта, 1902 година се враќа од Русија и станува комита во четата на Коте Христов во Костурско, а во август истата година се одделува од неговата чета и се приклучува во четите на ВМОРО, најпрво како комита, а потоа и како војвода.

Никола Митрев учествува во четите на Никола Петров Русински и на Христо Поп Трпев од Велгошти, а по убиството на војводата Христо Поп Трпев, во февруари 1903 година, Никола Митрев станува војвода на езерската чета на ВМОРО, при што го добива и прекарот Војвода Езерски.

Според неговите современици, Војводата Никола Митрев е човек „необразован и неписмен“, но тој е човек кој сосема се преобразил во ВМОРО, каде безусловно се посветил на татковината и на ослободителното дело.

За време на Илинденското востание, тој постанува војвода на IV, Eзерски реон кој вклучувал 17 села. Под негово раководство, востаничките сили ја разрушуваат телеграфската линија помеѓу Охрид и Ресен, но не успеваат да го исполнат предвидениот план на востанието за опсада на турскиот гарнизон, во кулата во селото Свињишта.
На 31 август 1903 година, Никола Митрев учествува и во последната голема борба во Охридско, во месноста Грмешница и Марково Долче (Рашанец) кадешто големиот востанички логор е нападнат и поразен од многукратно поголемиот турски аскер.

По задушувањето на востанието, Езерски го продолжил отпорот од густите шуми на планината Галичица. На крајот, било решено да се скрие оружјето и сите борци да се вратат во своите домови. Тогаш, за да се спаси од прогонот на Османлиите, Езерски решил да пребегне во некое друго место каде бил на печалба и каде би можел полесно да се снајде.

Последен пат е виден во Софија, во 1904 година, со други пребегнати борци од Охридско.
За понатамошниот негов живот не се знае многу.
Според спомените на Љубомир Милетич (февруари 1904 г.) и на некои македонски печалбари, Никола Митрев - Езерски својот живот го завршил во Варна, во 1904 година, поради болест стекната по патот.

Неговите потомци живеат во Елшани.

No comments:

Post a Comment