Војводата Никола Митрев, познат и како Елшанчето, како Лајче Војвода,како К'нканаили само Војводата Езерски е македонски борец и војвода од Илинденскиот период, еден од првите соработници на охридскиот војвода Христо Узунов.
Никола Митрев е роден во 1865 година во село Елшани, Охридско. Поради тешките услови за живот, наметнати од големата сиромаштија, никогаш не посетувал училиште, туку рано почнал да работи како надничар, работник и ѕидар. Во 1885 година, во потрага по работа, тргнува со група печалбари во Бугарија (Варна, Шумен, Провадија), Романија (Галац и Браила), и Русија (Бесарабија и подалеку, дури во земјите под Кавказ).
За време на еден краток престој во Варна, (во 1895 година) разбрал дека таму постои македонски револуционерен комитет на кој решил да му се придружи. Пролетта, 1902 година се враќа од Русија и станува комита во четата на Коте Христов во Костурско, а во август истата година се одделува од неговата чета и се приклучува во четите на ВМОРО, најпрво како комита, а потоа и како војвода.
Никола Митрев учествува во четите на Никола Петров Русински и на Христо Поп Трпев од Велгошти, а по убиството на војводата Христо Поп Трпев, во февруари 1903 година, Никола Митрев станува војвода на езерската чета на ВМОРО, при што го добива и прекарот Војвода Езерски.
Според неговите современици, Војводата Никола Митрев е човек „необразован и неписмен“, но тој е човек кој сосема се преобразил во ВМОРО, каде безусловно се посветил на татковината и на ослободителното дело.
За време на Илинденското востание, тој постанува војвода на IV, Eзерски реон кој вклучувал 17 села. Под негово раководство, востаничките сили ја разрушуваат телеграфската линија помеѓу Охрид и Ресен, но не успеваат да го исполнат предвидениот план на востанието за опсада на турскиот гарнизон, во кулата во селото Свињишта.
На 31 август 1903 година, Никола Митрев учествува и во последната голема борба во Охридско, во месноста Грмешница и Марково Долче (Рашанец) кадешто големиот востанички логор е нападнат и поразен од многукратно поголемиот турски аскер.
По задушувањето на востанието, Езерски го продолжил отпорот од густите шуми на планината Галичица. На крајот, било решено да се скрие оружјето и сите борци да се вратат во своите домови. Тогаш, за да се спаси од прогонот на Османлиите, Езерски решил да пребегне во некое друго место каде бил на печалба и каде би можел полесно да се снајде.
Последен пат е виден во Софија, во 1904 година, со други пребегнати борци од Охридско.
За понатамошниот негов живот не се знае многу.
Според спомените на Љубомир Милетич (февруари 1904 г.) и на некои македонски печалбари, Никола Митрев - Езерски својот живот го завршил во Варна, во 1904 година, поради болест стекната по патот.
Секој втор студент смета дека непотизмот е многу проширен во најголемата високообразовна институција во земјава, покажало истражувањето обнасловено како „Перцепција за корупција во високото образование“, спроведено од Младинскиот образовен форум (МОФ).
Истражување кое за волја на вистината ја подрива онаа (по)розевата, идеал-типска слика којашто наставниот кадар сака да ја гради за себе пред студентите, претставниците на медиумската фела и останатиот „приземен свет“.
Посебно „иритира“ заклучокот со кој се погазува фактот за етички настроениот УКИМ, на кој корупцијата и неморалното однесување му се туѓи и несвојствени. За студентите на најстарата високообразовна институција, корупцијата во високото образование е видлива „со голо око“, но дури 70% од нив се плашат истата „јавно да ја посочат“ и пријават, стравувајќи за своето образование, односно евентуалните реперкусии врз истото.
Од една страна УКИМ ни промовира етички кодекс на однесување како највисок морален императив кон кој треба да се стреми секој што е вклучен во процесот на високо образование (и професор и студент, независно), а од друга страна истиот тој универзитет преку своите „непотистички кадри“ ги руши моралните постулати врз кои самиот тој почива. Тоа секако дека ќе резултира со негативно влијание за студентите, кои поучени од аморалот и неетичноста на нивните учители, ќе го прифатат таквиот пристап како „клуч за успех во животот“.
Снаоѓањето по секоја цена, арогантниот пристап, непотизмот и корупцијата, по се изгледа, ќе (треба да) го заземат местото на интелегенцијата, меѓусебното разбирање и лојалност и плурализмот на интелектуалните ставови и политички идеи.
Проблемот со скопскиот универзитет, за наша жал, не е од вчера, нити пак од последните десетина години. И, всушност, самото прашање за непотизмот и не е толку централно-вредно за анализата која ја „нарачале“ МОФ. Да, точно е дека непотизмот и корупцијата се сериозен (и тешко премостлив) проблем за нашиот универзитет, но и за целата наша држава (особено нејзината администрација), меѓутоа, мојата критика кон УКИМ и неговиот практичен принцип на работа и едукација е во (пре)идеологизираноста на Универзитетот и неговата внатрешна затвореност и заклученост за свежи идеи.
Наместо овој Универзитет, како најстар, а оттука и со најголема општествена одговорност да стане вистински и автохтон извор и чувар на плурализам на мислења, а преку тоа и на креативни идеи, истиот како се' уште да не расчистил со неговиот „неодамнешен патрон и помагач“, Универзитетот во Белград, Србија. Наместо УКИМ да биде авангарда и предводник на новото и на научното, Универзитетот се' уште ни е едно строго (само)контролирано, бирократизирано до крајност, затворено, угушено „тело“, кое се' уште му верува на “идеолошките факти и аргументи“ својствени за едно друго време, во еден друг политичко-економски систем.
Колку и ригидно, необјективно, па дури и глупаво ова да звучи, пред некои работи и „боговите паѓаат на теме“.Анализите на моменталната состојба го говорат следното: УКИМ недоволно (ако не и воопшто) се труди да се прилагоди на денешната политичко-економска состојба. Тука мислам на демократскиот политички систем и пазарно ориентираното стопанство како клучни одредници на капиталистичкиот начин на производство.
Наместо тоа, Универзитетот одбива било каква државна интервенција или помош и истата ја сфаќа како директно, грубо мешање во сопствената автономија, која нели, со Уставот и законите му следува.
Ваквиот пристап го руши угледот на високообразовната институција и ни дава знак дека истата тешко подлежи на сеопфатни реформи.
Не може, ама и не смее, институција од највисок образовен калибар, да се противи на прогресивни реформи, на поголема отвореност и достапност, на самоевалуација, но и на контрола и оценка од другите, пообјективните, од оние специјализираните, домашни и странци.
Ако сакаме вистинска демократија и брз од кон реален капитализам, ние мораме да се промениме себеси, коренито и сеопфатно. Мора веднаш, што побргу, зошто да не и ДЕНЕС да го исфрлиме тој стар, неупотреблив, социјалистички начин на размислување и приод кон работите, кој веќе е историска тема на разговор кај нашите довчерашни „идеолошки браќа и братучеди“.
А, има ли подобар, побрз и поефикасен начин да го промениш курсот на едно општество и еден народ, ако тоа го не го сториш преку образованието и тоа она највисокото, задолжено за производство на “најелитниот“ и најспособниот кадар?!
Јас не верувам дека постои друг начин и друг излез. Верувам само во вистински промени и темелни реформи кои ќе ни го подобрат и образованието и животот во нашата преубава и природно богата земја - Македонија!
Денеска ќе се означат седум години од смртта на последниот диктатор на Балканот. Или ако повеќе милувате, од смртта на последниот „недемократски политичар и државник“, или ако веќе сакате, клучната фигура одговорна за граѓанскиот колеж во екс Југославија.
Што и да се каже, а тоа да не биде премногу, сепак ќе биде обвиено со доза на политичка контраверза. Основач и долгогодишен претседател на СПС, Милошевиќ ќе биде запишан како првиот претседател на Република Србија, трет претседател на СР Југославија, но во јавноста најмногу ќе се памети како политички инжинер и диригент на граѓанските војни во СФРЈ и воениот судир на Косово (и Метохија) во 1998-99 година. Слободан Милошевиќ е обвинет за злосторства против човештвото, за кршење на обичаите на војување и за геноцид врз цивилното население во Босна и Херцеговина. Според некои независни истражувања и проценки, Милошевиќ (заедно со соработниците) проневерил државни пари во износ од 5 до 11 милијарди долари.
Неговиот политички (и пред се', личен) пораз доаѓа на 5 октомври 2000 година, со „Српската булдождер револуција“ на белградските улици. На 1 април 2001, Милошевиќ е симнат од тронот и уапсен, а веќе на 28 јуни истата година е испорачан во Хаг. „Слобо“ одбива адвокат и одлучува сам да се брани. Здравствено и духовно исцрпен, умира од срцев удар, делумно и како последица на затворските услови во Трибуналот.
Подемот на Милошевиќ
Слободан Милошевиќ доаѓа на позицијата претседател на Србија преку манипулација со српските национални чувства во врска со Косово.
За многумина, клучен момент кој го трансформира Милошевиќ од „сив партиски апаратчик“ до лидер и херој во Србија, е изјавата „Никој не смее да ве тепа!“ („Нико не сме да вас бије!“) дадена во април 1987, во обид да го смири незадоволството и гневот на српските работници на Косово и Метохија. Оваа контроверзна изјава ќе го катапултира Милошевиќ од маргините во самиот врв на српската државна и национална политика.
Набргу потоа, Милошевиќ ќе застане на чело на Српската комунистичка партија, преземајќи ја контролата од неговиот некогашен сојузник и пријател, Иван Стамболиќ. „На крилјата на славата“ и растечкиот популарност кај Србите (како нивен харизматичен лидер), Милошевиќ во 1989 година станува претседател на Србија.
Она што овој човек ќе го одржи на власт толку долг период и низ низа турбуленции во кои ќе влезе Србија и регионот, е неговиот етноцентризам, па и национал-шовинизмот кој го промовира, на сметка на хрватската, муслиманската (бошњачката) и албанската етничка заедница. Наместо да се бори против популарниот национализам, онака како што тоа го прават неговите „идеолошки браќа“ од Источна Европа, Милошевиќ го прифаќа и промовира истиот.
Промената на името на Српската комунистичка партија во Српска социјалистичка партијанема да има сигнификантни промени врз дејствувањето на истата, но и на нејзината контрола врз државниот имот, структурите и најважно - контролата врз медиумите.
Претседателот Слободан и новите граници
По највата за плурализам и демократско конституирање на власта во Хрватска, Милошевиќ ќе изјави дека српските граници на Балканот ќе треба да се прецртаат,со цел да се вклучат сите Срби кои тогаш живеат во другите републики. Со ова, веќе се наѕираат сериозни изгледи за отпочнување на граѓанска војна во СФРЈ.
Во Хрватската војна за независност, Милошевиќ (со помош на ЈНА и српските сепаратисти) ќе оствари почетен војнички триумф и во еден период ќе контролира дури третина од хрватската копнена територија (вклучувајќи ја Краина и западна Славонија). Меѓутоа, цената на војната била превисока. Илјадници војници дезертирале, а самоубиствата станале секојдневие. Бројот на мртви за двете страни се проценува на 20.000, а бројот на раселени достигнува до 400.000.
Секој позначаен српски триумф е „релативизиран“ со наметнувањето на економските санкции од страна на ООН, а војната завршува со целокупна победа на Хрватска која остварува независност и контрола врз нејзините граници.
Војната во БиХ, окарактеризирана како најкрвавиот воен конфликт после Втората светска војна, ќе го оконча крајот на „остатокот од СФРЈ“. Милошевиќ се вклучува во босанскиот конфликт „во одбрана на правата на Србите“ од она што тој ќе го нарече „хрватски геноцид“ и „муслимански фундаментализам“.
Како што се зголемува степенот на воените злосторства кои ги врши раководството предводено од Милошевиќ, Србија станува се повеќе изолирана земја од страна на меѓународната заедница.
Со потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор, Милошевиќ во одрена мера ја редефинира перцепцијата која владее за него како „балкански касап“ во „балкански миротворец“. Тој се откажува од великосрпските претензии, а за тоа е „награден“ со подигање на економските санкци.
Почеток на крајот
Веќе во 1996 и 1997 започнуваат позначајните демонстрации против неговиот режим, односно фингираните локални избори. Многумина од демонстрантите се брутално претепани од безбедносните сили. После тримесечно протестирање, Слободан Милошевиќ се повлекува, попушта, и и' ги враќа „украдените избори“ на опозицијата. „Наградата“ за ова, е во неговото реизбирање за претседател од страна на федералниот парламент (контролиран од неговите приврзаници).
Кризата околу Косово (и Метохија) ќе остане запаметена како најголемиот предизвик на Слободан Милошевиќ до денес. Бомбардирањето од страна на НАТО врз СФРЈ ќе наиде на силен гнев и отпор кај Србите, кои под Милошевиќевиот плашт ќе се обединат против Западот.
Бомбардирањето на Србија ќе и' донесе катастрофални последици на политичко-економски план. И покрај тоа, уништената инфраструкура, па и морал кај Србите, Милошевиќ вешто ќе ги искористи во својата цел да се прикаже како човек кој ќе ја реинкарнира и реизгради српската нација.
Соборување од власт
Милошевиќ ќе биде соборен од власт од страна на истите оние кои го донесоа пред 13 години. Од страна на народот.
Во периодот кога тој повикува на избори (септември 2000 година), земјата е осакатена од санкции и мнозина Срби живеат во сиромаштија. И последната република која е се' уште во сојуз во Србија, Црна Гора, се заканува да се отцепи, а во федерацијата владее атмосфера на страв и нестабилност.
Конечниот пад и отстранување на неговиот режим доаѓа веднаш по неприфаќањето на изборните резултати, односно победата на опозицискиот кандидат Воислав Коштуница.
Десетици илјади луѓе се собираат на улиците во Белград како поддршка на демократијата и како отпор против недемократскиот режим. Еден по еден, Милошевиќ го напуштаат клучните сојузници, како Српската православна црква и дел од државно контролираните медиуми.
Поддршката за демонстрантите секојдневно расте и веќе на десеттиот ден од протестите, демонстрантите упаѓаат во Сојузното собрание и српската национална телевизија (РТС), поставувајќи оган пред двете згради. Мнозина полицајци ги фрлаат шлемовите и се приклучуваат кон демонстрантите.
Новоизбраниот претседател, Воислав Коштуница, вечерта помеѓу 5 и 6 октомври, се обраќа пред насобраните граѓани од терасата на Општина Белград, а потоа и преку РТС.
Милошевиќевата диктаторска власт се распаѓа небаре е кула од карти.
На 6 октомври, Слободан Милошевиќ во телевизиско обраќање пред нацијата го признава сопствениот пораз. На 7 октомври, д-р Воислав Коштуница положува претседателска заклетва пред пратениците на Сојузното собрание, како прв демократски избран претседател на Југославија.
Политичката кариера на Слободан Милошевиќ е јасен приказ и показ како еден човек, сакајќи да го „гушне“ својот народ, ја гуши и осакатува сопствената земја, притоа уназадувајќи ја за 20 години.
Без Милошевиќ и Туѓман на чело на Србија и Хрватска, без наивноста (или пак плашливоста) на македонско-црногорско-босанскиот политички врв, земјите наследнички на СФРЈ, сигурно ќе беа далеку понапред од цела Источна, а делумно и од Средна Европа.