17 March 2013

Аморалот и идеологизираноста на УКИМ


Секој втор студент смета дека непотизмот е многу проширен во најголемата високообразовна институција во земјава
, покажало истражувањето обнасловено како „Перцепција за корупција во високото образование“, спроведено од Младинскиот образовен форум (МОФ).

Истражување кое за волја на вистината ја подрива онаа (по)розевата, идеал-типска слика којашто наставниот кадар сака да ја гради за себе пред студентите, претставниците на медиумската фела и останатиот „приземен свет“.
Посебно „иритира“ заклучокот со кој се погазува фактот за етички настроениот УКИМ, на кој корупцијата и неморалното однесување му се туѓи и несвојствени. За студентите на најстарата високообразовна институција, корупцијата во високото образование е видлива „со голо око“, но дури 70% од нив се плашат истата „јавно да ја посочат“ и пријават, стравувајќи за своето образование, односно евентуалните реперкусии врз истото.

Од една страна УКИМ ни промовира етички кодекс на однесување како највисок морален императив кон кој треба да се стреми секој што е вклучен во процесот на високо образование (и професор и студент, независно), а од друга страна истиот тој универзитет преку своите „непотистички кадри“ ги руши моралните постулати врз кои самиот тој почива. Тоа секако дека ќе резултира со негативно влијание за студентите, кои поучени од аморалот и неетичноста на нивните учители, ќе го прифатат таквиот пристап како „клуч за успех во животот“.

Снаоѓањето по секоја цена, арогантниот пристап, непотизмот и корупцијата, по се изгледа, ќе (треба да) го заземат местото на интелегенцијата, меѓусебното разбирање и лојалност и плурализмот на интелектуалните ставови и политички идеи.

Проблемот со скопскиот универзитет, за наша жал, не е од вчера, нити пак од последните десетина години. И, всушност, самото прашање за непотизмот и не е толку централно-вредно за анализата која ја „нарачале“ МОФ. Да, точно е дека непотизмот и корупцијата се сериозен (и тешко премостлив) проблем за нашиот универзитет, но и за целата наша држава (особено нејзината администрација), меѓутоа, мојата критика кон УКИМ и неговиот практичен  принцип на работа и едукација е во (пре)идеологизираноста на Универзитетот и неговата внатрешна затвореност и заклученост за свежи идеи.

Наместо овој Универзитет, како најстар, а оттука и со најголема општествена одговорност да стане вистински и автохтон извор и чувар на плурализам на мислења, а преку тоа и на креативни идеи, истиот како се' уште да не расчистил со неговиот „неодамнешен патрон и помагач“, Универзитетот во Белград, Србија.
Наместо УКИМ да биде авангарда и предводник на новото и на научното, Универзитетот се' уште ни е едно строго (само)контролирано, бирократизирано до крајност, затворено, угушено „тело“, кое се' уште му верува на “идеолошките факти и аргументи“ својствени за едно друго време, во еден друг политичко-економски систем.

Колку и ригидно, необјективно, па дури и глупаво ова да звучи, пред некои работи и „боговите паѓаат на теме“. Анализите на моменталната состојба го говорат следното: УКИМ недоволно (ако не и воопшто) се труди да се прилагоди на денешната политичко-економска состојба. Тука мислам на демократскиот политички систем и пазарно ориентираното стопанство како клучни одредници на капиталистичкиот начин на производство.
Наместо тоа, Универзитетот одбива било каква државна интервенција или помош и истата ја сфаќа како директно, грубо мешање во сопствената автономија, која нели, со Уставот и законите му следува.
Ваквиот пристап го руши угледот на високообразовната институција и ни дава знак дека истата тешко подлежи на сеопфатни реформи.

Не може, ама и не смее, институција од највисок образовен калибар, да се противи на прогресивни реформи, на поголема отвореност и достапност, на самоевалуација, но и на контрола и оценка од другите, пообјективните, од оние специјализираните, домашни и странци.

Ако сакаме вистинска демократија и брз од кон реален капитализам, ние мораме да се промениме себеси, коренито и сеопфатно. Мора веднаш, што побргу, зошто да не и ДЕНЕС да го исфрлиме тој стар, неупотреблив, социјалистички начин на размислување и приод кон работите, кој веќе е историска тема на разговор кај нашите довчерашни „идеолошки браќа и братучеди“.

А, има ли подобар, побрз и поефикасен начин да го промениш курсот на едно општество и еден народ, ако тоа го не го сториш преку образованието и тоа она највисокото, задолжено за производство на “најелитниот“ и најспособниот кадар?!

Јас не верувам дека постои друг начин и друг излез.
Верувам само во вистински промени и темелни реформи кои ќе ни го подобрат и образованието и животот во нашата преубава и природно богата земја - Македонија!





1 comment:

  1. Браво за колумната поздрав!Виктор Цветиќ !

    ReplyDelete